На 22.01.2024 година, во просториите на Македонска берза, се одржа работен состанок со компаниите, членки на Клубот БУМ (Берзата и Успешните во Македонија). Организатори на Клубот се Македонска берза и PWC Северна Македонија, а негов партнер е Сојузот на Стопански комори.
На состанокот покрај постојните членки на Клубот БУМ присуствуваа и компании кои изразија интерес за членство во овој клуб, како и претставници на членките на Берзата.
По обраќањата на Иван Штериев, Главен извршен директор на Берзата и Драган Давитков, Директор на PwC во нашата земја, презентации имаа претставници на берзата од Софија кои подетално го претставија нивниот „пазар за растечки компании“ којшто во Бугарија функционира веќе извесно време. Воедно, пред македонските компании, своите успешни приказни за излегување на берза и прибирање нов капитал ги споделија Николај Мартинов од Impulse Growth, Јани Драгов од Smart Organic и Симеон Илиев од MFG Invest.
Во БУМ Клубот членуваат дваесетина компании од различни бизнис сектори, а Клубот официјално започна со работа во октомври 2023 година. Целта на неговото формирање е стратешка поддршка на домашните компании за нивен одржлив раст на долг рок, обезбедување на специфичен know-how и комуникација со останати компании, организаторите и партнерите на клубот, како и со избрани релевантни регионални субјекти. Клубот примарно настојува да помогне во поврзувањето на инвеститорите и компаниите – членки на Клубот, со акцент на финансирање на бизнисите преку пазарот на капитал.
Состаноците на клубот се организираат квартално.