Во глобални и во регионални рамки развојот на малите и средни претпријатија подолг временски период е редовно составен дел на соодветни програми и проекти на надлежните министерства, фондови и други развојни институции, преку кои се настојува овој сегмент на економски субјекти поинтензивно да се развива, полесно да се финансира и да се воведат одредени технолошки иновации, да се подобри нивната конкурентност, да се зголеми бројот на нови вработувања итн. Во последно време во регионот на Југоисточна Европа малите и средни претпријатија се се’ почесто во фокусот на интересот на берзите, коишто преку реализација на различни проекти имаат за цел отварање на нов канал за прибирање на капитал за овие компании, како и подобрување на конкурентноста и корпоративното управување на овие субјекти. Крајна цел на берзите е на среден и долг рок некои од овие компании да излезат на пазарот на хартии од вредност, да котираат на берза и да функционираат како јавни акционерски друштва.
- Проект на Загрепска Берза – SME Growth Market project/ Progress market
Progress market е дел од SME Growth Market project – заеднички проект на Загрепската берза и Европската банка за обнова и развој (EBRD). Преку овој проект и со помош на неговите донори (TaiwanBusiness – EBRD Technical Cooperation Fund – TWTC) е финансирана студија за основање на SME пазар за хрватски, но и регионални компании, со што ќе им овозможи пристап на малите и средните претпријатија до капитал.
Моментално, Progress market е мултилатерална платформа за тргување во Хрватска и Словенија, наменета за мали и средни претпријатија. Progress платформата во Хрватска е управувана од страна на Загрепската берза (во Словенија функционира во рамки на SI ENTER – мултилатералната платформа за тргување управувана од Љубљанската берза). Оваа платформа има за цел да им го олесни пристапот до капитал на малите и средните претпријатија во Хрватска и Словенија и да им помогне да го финансираат нивниот раст, наместо со долг, со сопствен капитал.
Преку овој проект, во процесот на прием и тргување на Progress, компаниите се потпомогнати од субвенционирани и лиценцирани советници од страна на Загрепската и Љубљанската берза. Улогата на советниците е да го подготват издавачот за функционирање на Progress сегментот, да ја подготват потребната документација и да го надгледуваат издавачот во исполнувањето на условите за котација на овој сегмент во периодот од најмалку две години од денот на прием на тргување.
Во рамките на овој проект, на издавачите им се нуди помош и во насока на обезбедување на фер трансакциски трошоци, посредување во обезбедување на друг тип финансиска помош од развојни банки и агенции и соработка со државни и други институции кои го помагаат финансирањето на развојот на стопанството.
Главните карактеристики на Progress Market се пониските барања за транспарентност за издавачите во споредба со барањата на регулираниот пазар, што консеквентно резултира во повисок ризик од инвестирање во хартиите од вредност кои се тргуваат на овој пазар. Со цел да обезбеди фер и уредно тргување и формирање на цената, Загрепската и Љубљанската берза имаат донесено правила со кои се обезбедува определено ниво на обелоденување на регулирани информации за издавачите, вклучувајќи и финансиски извештаи и информации за хартиите од вредност со кои се тргува. Приемот на тргување на овој пазар се врши на барање на издавачот или друго лице во негово име. На овој пазарен сегмент се применуваат истите правила во врска со заштита и откривање на пазарни злоупотреби како и на регулираниот пазар. - Соработка на Бугарската берза со ELITE програмата на
London Stock Exchange Group
Програмата на London Stock Exchange Group за поддршка на бизнисот и зголемување на капитал на компании со висок раст ELITE, во соработка со Бугарската берза и УниКредит Булбанк, во Бугарија во текот на месец јуни оваа година одржа работилница наменета за динамични и просперитетни бугарски мали и средни претпријатија, за тоа како овие субјекти можат да имаат корист од можностите што ги нуди пазарот на капитал преку градење на експертиза и административни вештини на фирмите за подигање на капитал што ќе се инвестира во нивниот развој. Осум бугарски компании веќе се вклучени во оваа програма.
ELITE програмата им овозможува на бизнисите во развој да се сретнат, да се инспирираат едни со други, да разменуваат идеи, да споделуваат најдобри практики и да ги идентификуваат меѓусебните деловни можности. Таа ги комбинира образованието, деловната поддршка, менторството и пристапот до експертиза и финансирање на компаниите кои се амбициозни и со изгледи за раст. Од своето основање во 2012 година, ELITE прерасна во екосистем кој опфаќа речиси 900 компании во 35 индустрии ширум светот.