На 07 јуни 2023 година, во хотелот DoubleTree Hilton Скопје, се одржа официјална промоција на деловниот клуб Клубот БУМ (Берзата и Успешните во Македонија). Организатори на Клубот се Македонска берза АД Скопје и PWC North Macedonia, а нивен партнер во овој проект е Сојузот на стопански комори.
На промоцијата, на која присустуваа повеќе од 60 компании, се обратија имаа Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза, Драган Давитков, Директор, PwC Северна Македонија и Трајан Ангелоски, Претседател на Сојуз на стопански комори.
Воедно, на овој настан специјална презентација имаше и Никола Дујмовиќ, Извршен директор и основач на Span, првата хрватска ИТ компанија што пред неколку години излезе на Загребската берза и веќе е составен дел на нејзиниот главен акциски индекс CROBEX.
Целта на формирање на Клубот БУМ е стратешка поддршка на домашните компании за нивен одржлив раст на долг рок, обезбедување на специфичен know-how и градење на мрежа за олеснета комуникација со останати компании, организаторите и партнерите на клубот, како и со избрани релевантни регионални субјекти. Клубот ќе настојува да помогне како да се поврзат инвеститорите и компаниите – членки на Клубот, во нивните обиди за финансирање на сегашните или идни деловни идеи и проекти, со акцент на процесот на небанкарско финансирање на бизнисите преку пазарот на капитал.
Клубoт ќе биде со високо профилирано индивидуално членство на ниво на сопственици или врвни менаџери, а членството во клубот ќе биде бесплатно.
Стекнатото знаење, вештини и искуства во рамките на Клубот би требало да им помогнат на компаниите поефективно да го управуваат својот развој и навремено да преземат потребни чекори за избор на најсоодветни опции за финансирање во иднина, без разлика дали финансискиот потенцијал ќе се детектира кај институционални инвеститори, приватен или ризичен капитал, односно јавните пазари на хартии од вредност.
Процесот на аплицирање во Клубот БУМ започнува од денеска и истиот ќе се формира и ќе започне со работа по летните одмори.